Пелистер избра: Тренер што има работено во НБА е наследник на Петровиќ

Управата на Пелистер експресно го реши тренерското прашање по заминувањето на Александар Петровиќ од кормилото, потпишувајќи договор за соработка со 64-годишниот српски стратег Ненад Трајковиќ, искусен стручњак што има работено како асистент и во НБА-лигата.

„Ненад Трајковиќ е тренерот што ќе го води Пелистер во вториот дел од оваа натпреварувачка сезона откако управата на нашиот клуб постигна договор за соработка со овој ценет и успешен тренер. По одлуката за повлекување на Александар Петровиќ, одлуката на раководството на КК Пелистер беше оваа функција да биде доверена на искусен тренер со беспрекорно реноме во регионот“, објави КК Пелистер на официјалната веб-страница, дополнувајќи дека новиот тренер во текот на утрешниот ден ќе пристигне во Битола.

Трајковиќ  ја почна тренерската кариера како асистент во Партизан, а во периодот од 1999 до 2001 година беше и шеф на стручниот штаб на прославениот српски кошаркарски колектив.

Има работено како помошен тренер во Реал Мадрид, извесен период беше и селектор на младинската репрезентција на Југославија, а Трајковиќ мина една сезона и во НБА-лигата, како дел од стручниот штаб на Кливленд кавалирс.

Во 2014 година беше и селектор на репрезентацијата на БиХ, а последен ангажман му беше како предводник на Студентски Центар, успевајќи да го внесе овој тим во елитното друштво на АБА-лигата.

„Српскиот стручњак ќе дебитира на клупата веќе на мечот со Гостивар закажан за сабота. Домашниот дуел со Гостивар, тим што ни е должник од првиот дел од сезоната е одлична можност за вртење на нов лист и почеток на нова победничка серија, на натпревар пред верната битолска публика. Му посакуваме многу среќа на новиот тренер и имаме апсолутна доверба во неговите квалитети, со надеж дека под негово водство ќе ги исполниме зацртаните цели за оваа натпреварувачка сезона“, порачаа од управата на КК Пелистер.

Се вчитува...