Трката за титулата до пред два дена делуваше целосно загубена за Еурофарм Пелистер по оној убедлив пораз во Скопје од Вардар, но ситуацијата драматично се промени во последните 24 часа. Најпрвин Вардар беше шокиран на скопската пресметка со Алкалоид, по што „пелистерци“ со вечерашниот триумф во Кавадарци над Тиквеш (21-22) се израмнија со „црвено-црните“ на делба на првото место на табелата, со тоа што вториот дуел меѓу вечните ривали ќе се игра во Витола на почетокот од месец мај.
Кавадарчани се покажаа како цврст орев и одлично му се спротивставија на актуелниот вицешампион на Македонија. Дуелот беше израмнет до седум-осум минути до крајот, кога „пелистерци“ успеаја да се одлепат и да ја осигураат победата. Тиквеш подобро го отвори мечот и поведе со 4-2, но Еурофарм набрзо го сврте резултатот во своја полза поведувајќи со 8-10. На одмор се замина со минимални 10-11 за битолчани, како најава за супервозбудливото второ полувреме. Тиквеш целосно парираше до 18-19, резултат при кој избраниците на Данило Брестовац не реализираа пенал, по што Еурофарм Пелистер постигна два гола во низа, поведе со 18-21 и оваа предност ја задржа се до конечните 21=22.
Данецот Хенеберг беше најдобар поединец во победничкиот тим со седум гола, четири постигна Хосни, додека Страхиња Симиќ вообичаено беше прв стрелец на Тиквеш, постигнувајќи осум погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

