Пелистер ја води клучната битка во ЛШ: Висла мора да „падне“ во Битола

Ракометарите на Е. Пелистер вечерва (20.45 часот) ќе ја водат клучната битка за испишување на нови страници во клупската историја, бркајќи победа над полскиот претставник Висла Плоцк. Откако минатиот месец стигнаа до првата победа во ЛШ, а потоа и до реми дома со Фредериција, битолчани вечерва се среќаваат со директен ривал за шестото место на табелата, кое води во нокаут фазата од елитното европско натпреварување.

Влогот е огромен, а поради убедливиот пораз од 26-18 на првиот меч во Плоцк, македонскиот шампион мора да атакува на триумф за да си ги зголеми шансите за историска пласман меѓу Топ 12 екипите во ракометна Европа. Тренерот Раул Алонсо верува во успех на својот тим, за што неопходна ќе биде голема поддршка од трибините.

„Висла има тим да стигне далеку до Лигата на шампионите. Тоа е голем проект не само во Полска, туку и на меѓународна сцена. Можеби не се во моментов каде би требало да бидат. За нас овој меч е клучен, особено што играме пред своите навивачи. И тука го гледам клучот на нашиот успех. Резултатот за да биде добар, мораме да бидеме добри уште од стартот на натпреврот. Пред нас 60 минути во кои ќе се обидеме да играме добро. Секојдневно имам позитивно искуство, сите љубители се тука со нас, пробуваме да смениме нешто, но одиме чекор по чекор. Задоволен сум од екипата, од работата на момците и се надевам дека тоа ќе резултира со победа. Имаат тренер кој има големо искуство во Лигата на шампионите, прави одлична работа во последните години. Обезбедија големи имиња во следниот трансфер период, и тоа зборува за тоа како работат и мислат на иднината. Но, не се непобедливи, и ние ќе се обидеме да го искористиме тој момент“, изјави Алонсо во пресрет на денешниот дуел.

Алонсо за првпат во ЛШ на располагање ќе го има Ненад Костески, кој се враќа по тешката повреда на коленото, а во тимот на Пелистер вечерва нема да се појави Дејан Манасков, како и Цитакиќ, Ѓорговски и Петровиќ.

фото: https://sprwislaplock.pl/

Се вчитува...