„Пелистер ќе игра убава кошарка во новата сезона“

Боро Даскаловски е тренерот што ја доби довербата на раководството на Пелистер и ќе го води тимот во новата сезона во која битолчани не ја кријат желбата повторно да се борат за највисок пласман.

„Зелено-белите“ одработеа квалитетни подготовки и сега со нетрпение се очекува стартот на Првата лига закажан за викендов.

„Среќен сум што сум овде и благодарен на управата за овозможените услови за работа. Можам да кажам дека сум задоволен од она што го сработевме, од залагањето на кошаркарите и правецот во кој ни се движи формата. За мој вкус, мислам дека добредојдени ќе ни беа уште неколку пријателски средби за да ја кренеме уште повеќе формата, но и тимската кохезија бидејќи имаме голем број нови кошаркари, но сепак верувам дека во добра форма го дочекуваме стартот на сезоната. Ни недостига еден висок кошаркар во ротацијата откако Скипер Браун ги изненади сите во клубот и поради семејни причини се врати назад во САД само неколку дена по доаѓањето, но не брзаме со доведување замена бидејќи условите на пазарот во моментов не се најидеални за такво нешто“, изјави Даскаловски.

Прв предизвик за Пелистер ќе биде дербито со Работнички кое во меѓувреме доби нов термин, недела 15 часот во СРЦ Кале. Домаќините поради финансиските проблеми и долговите од претходните сезонни не ги регистрираа странските засилувања и ќе настапат само со македонски играчи, но Даскаловски е фокусиран само на сопствениот тим.

„Таква е мојата тренерска филозофија, не само тука туку и во сите клубови во кои имам работено, размислувам само за нашата игра која мора да биде на највисоко ниво. Неиграњето на неколку играчи ќе влијае на играта на противникот, но јас ќе инсистирам ние да одиграме максимално ангажирано од првата до последната минута за да стигнеме до резултатот што сите го посакуваме. Работнички е анализиран, подготвени сме за стартот на сезоната и очекувам тоа да го покажеме на неделниот натпревар“, вели новиот тренер на Пелистер.

Желба на сите во клубот е по неколкуте одиграни финалиња конечно да се остври големата желба – да се донесе еден од трофеите во кошаркарска Битола.

„Јас веќе на воведната прес-конференција реков дека заедничка желба ни е да донесеме пехар и да ја израдуваме Битола. Сепак, од сегашен аспект сметам дека е многу рано да се создава еуфорија на ваква тема. Секако дека желбата и зацртаните цели остануваат и ние ќе сториме се за да ги оствариме. Одиме натпревар по натпревар, како во домашното првенство така и во ФИБА Еврокупот, каде ќе се обидеме да стигнеме до што повеќе победи и достојно да ја претставиме македонската кошарка. Не сакам да се размислува предалеку, фокусот треба да ни биде само на секој нареден меч, да бележиме победи и да ја креваме формата како што ќе минува времето. Во едно сум убеден, Пелистер ќе игра квалитетна кошарка сезонава“, истакнува за крај Боро Даскаловски.

Се вчитува...