Кошаркарите на Пелистер експресно се вратија на победнички патеки во Супер-лигата по поразот од МЗТ минатото коло, вечерва славејќи со убедливи 92-62 на дуелот со Куманово. Битолчани одиграа одлично, апсолутно заслужено стигнувајќи до победата, воедно и одмаздувајќи му се на кумановскиот состав за елиминацијата во Купот на Македонија.
Тимот на Марин Докузовски беше подобар ривал само во првите неколку минути во кои кумановци водеа со 4-11, по што Пелистер експресно се врати. Куманово имаше 23-24 по првата чевртина, но Пелистер веќе од вториот период презеде целосна контрола и над играта и над резултатот. На одмор се замина со водство на битолчани од 44-39, по што домашниот уште пофуриозно ги одигра преостанатите 20 минути од овој натпревар.
Гостите постигнаа само десет поени во третата четвртина (21-10), а откако Брејси Дејвис погоди за првото двоцифрено водство во 27. минута (58-47), не помогна ниту тајмаутот на Докузовски, па убедливата предност уште повеќе растеше и Пелистер во 33. минута стигна и до првото водство од „плус 20“ (71-51, со поените на Малешевиќ). Остатокот од мечот беше само рутина во која битолскиот суперлигаш дури и ја зголеми убедливата предност до конечните 92-62.
Брејси Дејвис со 23 поени беше прв стрелец на победничкиот тим, Вилсон заврши со 19, а Малешевиќ имаше 18 поени и 9 скокови, додека кај Куманово најефикасен во овој убедлив пораз беше Радукиќ со 14 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

