Пелистер на дерби со Охрид за лечење на раните од Вардар

Пелистер ќе мора што поскоро да го остави зад себе разочарувачкиот пораз на дербито со Вардар и да се врати на победнички патеки, а денешната задача не е нималку лесна ако се знае дека во „Боро Чурлевски“ пристигнува засилениот Охрид.

Охриѓани никогаш досега немаат освоено бодови во Битола, но полни со самодоверба ќе влезат во денешниот меч откако пред помалку од два месеци го победија Пелистер во финалето од турнирот што се одигра токму во Охрид. Во меѓувреме Охрид освои бод против Алкалоид, минимално загуби од Вардар, покажувајќи значаен раст во формата во однос на претходните години.

„„Општо е познато дека овој почеток ни понуди тежок распоред. Отворивме со неколку тешки гостувања, а сега одиме на гости и кај Пелистер по дуелите со Алкалоид и Вардар. Сите знаеме каков потенцијал има оваа екипа, особено игра добро на свој терен. Почнавме во ритам на игра среда-сабота, а в недела не очекува голем предизвик.

Досега покажавме дека секогаш одиме на победа. Одигравме добри натпревари во Скопје против Алкалоид и Вардар, па мислам дека и во Битола одиме на победа. Имаме потенцијал да се надеваме на тоа. Иако досега впечатокот е дека не сме се покажале целосен потенцијал, работиме вредно секој ден и мислам дека напредуваме од недела во недела. Апсолутно го почитуваме противникот , ама се надеваме на победата“, изјави искусниот Предраг Вејин.

„Пелистерци“ веќе загубија три бода во трката за титулата и победата е императив за актуелниот шампион на денешниот дерби дуел.

„Нов суперлигашки натпревар и нов тежок предизвик. Играме во нашиот ракометен храм, императивот е победа над Охрид. Мора да пристапиме со максимален фокус и со добра игра да ги израдуваме навивачите. Нека овој меч биде празник за ракометот, во кој сите гледачи ќе проследат квалитетен суперлигашки ракомет“, порача репрезентативецот Жарко Пешевски. 

Се вчитува...