Пелистер на мегдан со Загреб: Можна ли е прва радост во Лигата на Шампионите?

Ракометарите на Еурофарм Пелистер денеска ги очекува нов голем предизвик во Лигата на Шампионите, гостување против екипата на Загреб (18.45 часот) во рамките од петтото коло од елитното европско натпреварување. „Пелистерци“ по првите четири кола имаат исто толку порази, на последните две средби покажаа значителен напредок во играта, но се уште ја немаат почуствуваано сласта на победата во Лигата на Шампионите.

Барем на хартија, Загреб би требало да важи за еден од полесните противници во силната група, но мора да се истакне дека хрватскиот првак во последните две рунди најпрвин го демолираше Колштад со 31-10, а потоа и ремизираше со Алборг (30-30), двата тима кои го демолираа Пелистер на стартот од ЛШ.

Тренерот Александар Јовиќ сепак се надева на добра игра на својот тим, во обид да се приреди изненадување и да се стигне до победа во Загреб.

„Тие се во нагорна линија, го совладаа Колштад и ремизираа со Алборг. И ние против Кил и ПСЖ покажавме дека напредуваме. Ќе се обидеме да ги остраниме грешките кои ги направивме и заради кои не остваривме уште подобар резултат. Тие грешки ни се случуваа заради неискуство.  Загреб и во минатите сезони менуваше по 3-4 тренери во сезона и не гледам причина дека и оваа смена ќе ги поремети. Тие се добар тим, добар склоп на млади и искусни играчи. Но следи тежок натпревар и се надевам дека ќе одиграме на наше ниво. Растеме како екипа, но за нешто повеќе треба да не ги правиме тие грешки кои се плод на неискуство. Немаме многу искусни ракометари кои играле во Лигата на шампионите, па со тек на време моите момци ќе добијат самодоверба и во клучните моменти ќе одговорат како што треба. Со Загреб ќе бркаме прва победа во Лигата на шампионите, па ни следат Вардар и Киелце, па сигурен сум дека во сите три натпревари ќе дадеме максимум“, изјави Јовиќ.

Се вчитува...