Екипата на Пелистер влезе во последната фаза од подготовките за новата сезона, дел што тренерот Петровиќ, членовите на стручниот штаб и кошаркарите ќе го минат на Златибор, Србија. Целта е јасна, да се крене формата, но и заедништвото и атмосферата во целата екипа, за остварување на високите цели што се поставени во пресрет на новата сезона.
Како дел од овој подготвителен период Пелистер ќе одигра и две пријателски средби, на 19 септември наш противник ќе биде екипата на Приморја, а за 21 септември е закажан дуелот со Златибор.
„Пред една година рековме дека правиме сериозен клуб на здрави темели. Лани целта ни беше целосна финансиска стабилизација и максимално успеавме во тоа, сега сакаме да одиме чекор напред од секој аспект, како организациски така и резултатски. Заминување на подготовки надвор од сопствената сала е нешто сосема нормално во модерниот спорт, тренд што за жал во кошарката веќе извесно време е напуштен. Наша обврска како управа е Пелистер да функционира на највисоко ниво и кошаркарите и стручниот штаб да ги имаат најдобрите можни услови, овие подготовки се само потврда на нашите заложби“, изјави директорот на КК Пелистер, Филип Ивановски за официјалната веб-страница на клубот.
Кошаркарите на Пелистер отворањето на новата сезона ќе го имаат на 28 септември, кога во СРЦ „Кале“ во Скопје ќе се сретнат со МЗТ Скопје во Супер-купот на Македонија.
Неколку дена подоцна, на 1 октомври ќе биде одигран и првиот меч од АБА2 лигата во кој „пелистерци“ на домашен терен во „Боро Чурлевски“ ќе ја пречекаат екипата на Сутјеска.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА