Пелистер најдоброто го сочува за крај – триумф над ТФТ во последниот меч во 2024

Кошаркарите на Пелистер ги потврдија големите амбиции за оваа сезона откако денеска славеа на дуелот со ТФТ со 91-82, нанесувајќи му го само вториот пораз сезонава на лидерот на табелата. „Зелено-белите“ одиграа одлично, имаа и двоцифрена предност во второто полувреме, во финишот издржувајќи го налетот на гостите за заслужена победа за крај на оваа календарска година.

Пелистер подобро го отвори натпреварот и набрзина поведе со 7-3, но тајмаутот што го зеде Боро Смилковски вроди со плод, неговиот тим постигна девет поени во низа и поведе со 7-12. Стајиќ и Бојиќ беа најрасположени за игра во таборот на Пелистер, враќајќи ги битолчани во ритам, за со поените на Лука Стојановски стартната четвртина да заврши со 18-18. Со израмнета игра се продолжи и во втората четвртина, ТФТ поведе со 18-23, Пелистер се врати на 23-23 со тројката на Стајиќ, а потоа и поведе со поените на Лука Стојановски. Завршницата на полувреметоо мина во знакот на Андрија Бојиќ, со чии поени во финишот Пелистер замина на одмор со предност од 39-36.

Клучна за конечниот исход беше третата четвртина во која „зелено-белите“ успеаја целосно да го скршат отпорот на гостите од Скопје. Тандемот Стајиќ – Бојиќ функционираше беспрекорно и донесе двоцифрена предност, по излеегуваето на Стајиќ поради третата лична грешка во ритам влезе и Мишковиќ кој немаше ниту еден поен во првото полувреме, но даде свој придонес за третата четвртина да заврши со убедлива предност на Пелистер од 69-53.

Удобната предност на Пелистер придонесе домаќините за момент да се опуштат, влегувајќи во серија грешки што ТФТ ги искористи за да намали на 79-72. Петровиќ зеде тајмаут, Бојиќ постигна важни поени во рекетот, но ТФТ продолжи со камбекот, намалувајќи на 81-77 на две и пол минути до крајот. Бојиќ постигна важни поени од линијата за слободни фрлања, а Антоан по украдена топка со забивање ги разреши сите дилеми околу победникот на овој натпревар, што заврши со конечни 91-82.

Бојиќ со 23 поени беше најзаслужен за оваа победа на Пелистер, одличен беше и Стајиќ со 16 поени и 9 асистенции, додека Антоан имаше 15 поени и три украдени топки. Најдобри поединци кај ТФТ беа Хотон со 18 поени и 13 скокови и Стојаноски со 16 поени.

Се вчитува...