Пелистер не се предава – со нов тренер до убедлива победа над Работнички

Пелистер го одигра еден од своите најдобри натпревари оваа сезона откако битолчани вечерва на домашен терен го декласираа Работнички со убедливи 101-77, за намалување на 2-1 во оваа четвртфинална серија од плејофот. „Зелено-белите“ целосно потфрлија на вториот меч, но овојпат на теренот излезе сосема поинаква екипа, новиот тренер Дејан Илиевски очигледно успеа да ја крене атмосферата во својот тим, што придонесе Пелистер да одигра перфектен меч во кој заслужено стигна до убедлива победа.

Уште од самиот почеток беше очигледно дека „зелено-белите“ се максимално мотивирани, а во главна улога на стартот беше Никола Мишковиќ, кој ги постигна првите 10 поени за Пелистер. „Зелено-белите“ првото двоцифрено водство го имаа при 16-6, потоа во ритам влезе и Стајиќ носејќи водство од 28-11, за Работнички на старотт од втората четвртина да намали на 28-18. Тоа беше се што гостите од Скопје успеаја да сторат ако се знае дека во наредните минути следеше ново шутерско шоу на домашниот состав со кое „пелистерци“ од минута во минута го зголемуваа водството. На одмор со тројката на Антоан се замина со 55-36, а потоа во третата четвртина беше надмината и границата од „плус 30“ (80-48). Победникот беше практично решен, Работнички за момент намали на 20 поени разлика, но Пелистер подобро го финишираше мечот и заслужено триумфираше со убедливи 101-77.

Мишковиќ беше прв стрелец со 27 поени и 9 скокови, а извонреден настап имаше и Бобан Стајиќ, кој собра 36 индексни поени (24 поени, 7 скокови, 9 асистенции и две украдени топки). Најефикасни кај Работнички беа Ѓуроски со 14 и Рош со 11 поени.

Четвртиот меч од оваа четвртфинална серија ќе се игра викендов, повторно во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.

Се вчитува...