Пелистер не успеа: Нексе оди на мегдан со Вардар

Ракометарите на Пелистер не успеаја да се пласираат во четвртфиналето од СЕХА-лигата, откако на вечерашниот реванш не ја надополнија негативата од три гола против Нексе. Дуелот во салата „Боро Чурлевски“ во Битола заврши со резултат 24-22, за разочарување на домашните навивачи кои ја наполнија арената до последно место, им дадоа огромна поддршка на избраниците на Жељко Бабиќ, но сепак „пелистерци“ не успеаја да се пласираат во четвртфиналето, каде за ривал ги очекуваше Вардар. Вистинска штета, ако се земе во предвид фактот дека во неколку наврати во второто полувреме Пелистер ги имаше посакуваните „плус четири“, но големиот пад во последните петнаесетина минути беше скапо платен.

Гостите од Хрватска подобро влегоа во натпреварот, поведувајќи со 1-4, а потоа одржувајќи ја предноста од три гола се до 3-6. Никола Митревски ја имаше првата интервенција во 13. минута, по што македонскиот репрезентативен голман влезе во фантастична серија. Тој самиот погоди од гол на гол за израмнување на 6-6, а потоа со голот на Радовиќ „пелистерци“ поведоа со 7-6, нивно прво водство на натпреварот. Како што одминуваше времето, цврстата одбрана на битолчани им создаваше се поголеми проблеми на гостинските ракометари, па Пелистер до крајот на полувремето ја надополни негативата од првиот меч, на одмор заминувајќи со резултат 13-10.

По четири минути без гол во второто полувреме, Јотиќ украде топка при „седум на шест“ на противникот и биеше прецизно за 14-10. Нексе намали на 14-12, а потоа Митревски одбрани зицер и спречи предноста да се намали на „минус еден“. Во вистински момент за „пелистерци“ блесна Мартин Велковски, кој со два погодоци ја одржуваше разликата меѓу три и четири гола. Гостите намалија на 19-17, при што Жељко Бабиќ зеде тајмаут во обид да ги консолидира редовите на македонскиот вицепрвак. Тактиката „седум на шест“ на Нексе им создаваше многу проблеми на битолските „фармацевти“, па во последните десет минути се влезе со резултат 21-19.

Нервозата кај македонските ракометари стануваше се поочигледна, гостите намалија на 21-20, а дури тогаш, на неполни осум минути до крајот Бабиќ се реши за голманска смена, уфрлајќи го Чаневски на местото на Митревски. Ниту тоа не вроди со плод, веќе во следниот напад Нексе израмни на 21-21, а хрватскиот стратег на клупата на Пелистер побара нов тајмаут. Ронка надеж се појави во последните две минути, кога со два брзи гола битолчани стигнаа до 24-22. Северец промаши зицер, но на спротивната страна непрецизен беше и Јотиќ, со што беше ставен крај на надежите на „пелистерци“ за пласман во четвртфиналето, па овој драматичен натпревар заврши со конечни 24-22.

Митревски имаше осум интервенции и еден постигнат погодок, а во фазата на нападот најефикасни кај Пелистер беа Јотиќ со пет и Маџовски, Вегар и Остроушко со по три погодоци.

Се вчитува...