Пелистер немаше сила за сензација против Фуксе Берлин

Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер го забележа и вториот пораз во новата сезона во Лигата на шампионите откако во второто коло на домашен терен загуби од германскиот бундеслигаш Фуксе Берлин со 22-30.

Гостинскиот тим го контролираше резултатот на почетокот од мечот, но македонскиот шампион во ниту еден момент не му дозволи да се одлепи. Со голот на Виде во 15. минута, Германците стигнаа до позитива од три гола 6-9, по која тренерот на домашните Бранислав Ангеловски мораше да интервенира со својот прв тајмаут.

Ниту тајмаутот не помогна бидејќи откако Хосни постигна гол за 8-10 во 17. минута, пелистерци не го совладаа Милосављев во следните 12 минути, по кои гостите стигнаа до највисоките 8-15. Манасков во последната секунда успеа да погоди за да ја прекине црната серија и на пауза да се замине со 9-15.

Во второто полувреме Берлин продолжи да ја зголемува позитивата која стигна и до девет гола (13-22), по што шанса доби 18-годишниот Самоил Ристевски кој за 30 секунди ги постигна првите два гола во елитата и намали на 15-22. До крајот бундеслигашот го исконтролира резултатот за конечни 22-30.

Милосављев беше неверојатен на голот на Берлин завршувајќи со 14 одбрани, додека најефикасен беше Андерсон со седум гола. Кај македонскиот шампион Богдан Радивојевќи постигна пет гола, додека четири, но со лоша реализација од 11 шута додаде Филип Кузмановски.

Се вчитува...