Црногорскиот ракометар Миодраг Станојевиќ најверојатно ќе биде новото засилување на Пелистер за вториот дел од сезоната. Според црногорските медиуми, ракометарот на Ловќен од Цетиње вчера пристигнал во Битола на преговори со челниците на клубот и деновиве треба да стави потпис на едно и пол годишниот договор со Пелистер.
Станојевиќ ги поминал сите младински селекции на Црна Гора, половина сезона настапувал во Шведска, но најголем белег во неговата кариера имаат настапите за Ловќен каде неколку сезони е еден од најдобрите играчи.
На полусезоната пелистерци се засилија со голманот Јагош Брауновиќ и со пикерот Костадин Петров кој дојде во битолскиот тим од Металург. Покрај Станојевиќ, на левата бековска позиција во Пелистер за вториот дел од сезоната треба да дојде и египетскиот ракометар Ахмед Мохамед Ради.
Пелистер првиот дел од сезоната во Супер лигата го заврши на првото место на табелата со 12 победи и само еден пораз. Но, и покрај извонредните резултати, раководството на Пелистер се реши за смена на тренерското место, од кое си замина Стевче Алушовски, а како негова замена дојде Борче Марковски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА