Ракометарите на Пелистер вечерва во 18.45 часот гостуваат во Данска на Фредерција, во обид да ја прекинат долгата серија без победа во Лигата на Шампионите. Битолчани неодамна со ремито против Спортинг ја прекинаа серијата порази, а вечерва против Фредерициа ќе дадат се од себе за да забележат и победа со која би побегнале од последното место на табелата.
Овој дуел претставува „дерби на дното“ во групата А од ЛШ ако се знае дека Пелистер е последен со еден бод, а Фредериција едно место пред него, по триумфот што Данците во минатото коло го забележаа против Висла од 28-25. Токму оваа победа ќе ја зголеми самодовербата кај домашниот тим и ќе ја отежни ситуацијата за македонскиот првак, кој во овој дуел влегува со нов тренер, откако Звонко Шундовски беше именуван како привремен шеф на стручниот штаб по заминувањето на Бранислав Ангеловски.
„Фредериција е навистина добар тим. Доволно зборува за каков тим се работи тоа што доаѓа од Данска, една од најголемите светски ракометни сили. Играат модерен, брз, ракомет со доста шутеви од надвор, имаат самодоверба, но ние мора да си ја гледаме само нашата цел. Сите во екипата се максимално мотивирани и со еден вистински пристап кон играта верувам дека имаме шанси за добар резултат“, изјави Шундовски во пресрет на денешниот дуел.
Еден од главните адути на тимот на Фредериција е „бомбардерот“ Табоада, кој пред три сезони настапуваше за Пелистер и токму од битолскиот клуб се пресели во Данска.
„Секогаш е посебно кога ќе играш протим тим за кој си настапувал во минатото. Ќе биде специјално чувство да излезам на терен против Пелистер, бидејќи и во клубот и во играчкиот кадар има доста луѓе кои ги знам од порано. Ќе биде прекрасно повторно да ги видам тие лица… Што се однесува до самиот меч, верувам дека ќе се игра во високо темпо бидејќи двата тима многу посакуваат да стигнат до бодовите. Мораме да се фокусираме на одбраната бидејќи Пелистер има неколку квалитетни офанзивни играчи што ќе мораме да ги запреме. Играме се подобро на секој нареден меч во ЛШ, очекувам тој тренд да продолжи и против Пелистер“, изјави Табоада.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА