Ракометарите на Е. Пелистер максимално мотивирани го дочекуваат претстојниот завршен турнир во Купот на Македонија што ќе се одржи викендов во салата „Билјанини Извори“ во Охрид.
Пелистерци лани загубија во финалето и 20 години се без трофеј во куп-натпреварувањето, што секако е само мотив плус за битолчани за тој пост да биде прекинат. Нивни ривал во полуфиналето ќе биде домаќинот Охрид, екипа што никако не смее да се потцени.
„Ова се две средби на фајналфор, турнирски систем и е малку поразлично во однос на првенството, поспецифично. Се подготвуваме за полуфиналето, оние екипи кои ќе победат речиси и да немаат време за подготовки за големото финале… Моментната инспирација на одреден играч или екипи или пак индивидуалниот квалитет знае да ги решава тие куп-пресметки. Секако дека ќе бидат тешки тие два дена, мораме да сме фокусирани само на сабота, да го добиеме тој прв меч со Охрид, па потоа ќе размислуваме за мечот в недела“, истакна голманот Никола Митревски.
Тренерот Раул Алонсо предупреди дека куп-натпреварувањето знае да донесе големи изненадувања, барајќи од својот тим да одигра на највисоко ниво.
„Ќе биде убав викенд и веќе се подготвуваме за натпреварот против Охрид. Нè очекува убава атмосфера и одиме во Охрид да го донесе Куп-трофејот по многу години во Битола. Сите четири екипи ќе бидат многу мотивирани. Ќе решаваат мали детали, сите четири тима играат добро, но треба да потенцираме дека на вакви турнири можни се и изненадувања. Мислиме само на првиот натпревар и верувам дека со помош на нашите навивачи, кои секогаш и секаде ни даваат поддршка, можеме да се пласираме во финалето“, изјави стратегот на Е. Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

