Пелистер одигра добар меч, но не успеа да го изненади Златибор

Кошаркарите на Пелистер не успеаја да направат подвиг и да го изненадат Златибор во последниот меч од турнирот во Златибор од АБА2-лигата, откако македонскиот вицешампион по голема борба загуби со резултат 76-84. Златибор е еден од главните фаворити за влез во АБА1, а тренерот Дарко Радуловиќ и кошаркарите на Пелистер имаат за што да жалат бидејќи во подолги периоди од мечот беа и подобар ривал, но не успеаја тоа да го претворат и во конечен триумф над АБА2-шампионот од пред две сезони.

Првата четвртина заврши со израмнети 17-17, а потоа во вториот период „пелистерци“ заиграа подобро, го контролираа резултатот и на одмор заминаа со водство од пет поени (31-36). Битолчани водеа и во текот на третата четвртина, во неколку наврати имаа и „плус седум“, но и тоа се покажа недоволно. Во последниот период профункционира нападот на Златибор, српскиот тим му создаваше многу проблеми на македонскиот вицешампион и го сврте резултатот во своја полза. Пелистер последен пат водеше на 3:40 минути до крајот, со тројката на Костоски за 72-71, но битолчани немаа одговор за нападите на Златибор предводени од одличниот Ребец, што придонесе српскиот тим на крајот да го добие овој меч со конечни 76-84.

Планиниќ со 21 поен беше најефикасен во таборот на Пелистер, 16 постигна Бернард, а 12 Мијовиќ, додека Маслинко го заврши мечот со 11 поени и осум скокови.

Се вчитува...