Шансите на Пелистер за пласман во втората фаза од АБА2 лигата значително се намалија откако македонскиот вицешампион загуби на домашен терен од Џокер со резултат 77-81. По претходниот пораз во Подгорица, избраниците на Александар Петровиќ денеска потфрлија и пред своите гледачи, бележејќи го првиот неуспех сезонава во салата „Боро Чурлевски“.
Слично како и на претходните дуели, забележителни се големи осцилации во играта на Пелистер, нешто што ривал како Џокер знаеше да го искористи. „Зелено-белите“ имаа добро водство и во првата (17-9) и во втората четвртина (32-21), но гостите од Сомбор наоѓаа начин да се вратат во мечот во првото полувреме. На одмор се замина со предност на Пелистер од 38-35, но текот на натпреварот се промени по фуриозниот старт на вториот дел на гостинскиот тим.
„Пелистерци“ беа израмнети до 41-41, но Џокер влезе во нова мини-серија и повторно успеа да се одлепи резултатски. Нападо не функционираше како што треба, ударите од далечина најчесто беа непрецизни, со што им се олесни задачата на гостите за одржување на водството. Во последната четвртина се влезе со 54-60, Џокер имаше и 60-64, но Пелистер не се врати. Негативата неколку пати се спушташе на три и четири поени, но битолчани немаа сили за целосен камбек, па на крајот го загубија овој натпревар со конечни 77-81.
Едвардс со 18 и Мишковиќ со 16 поени беа најефикасни во таборот на Пелистер, 12 поени реализираше Стајиќ, а 11 Антоан.
Џокер по првите три кола има максимални 3-0, Подгорица е второпласирана со скор 2-1, пред Пелистер со 1-2 и Широки Бријег со 0-3.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА