Трета година по ред тимот на Е. Пелистер е дел од Лигата на Шампионите, откако битолчани во драматичното дерби од последното ланско коло славеа во Скопје над Вардар, се задржаа на тронот на мак-ракометот и си обезбедија билет за повторно да биде дел од европската ракометна елита.
Желба на сите е сезонава конечно да се направи исчекор напред и да се обезбеди место во нокаут-фазата од ЛШ, но за остварување на таа цел неопходно е пред се да се победува на домашен терен, особено против ривали како денешниот Загреб (20.45 часот, сала „Боро Чурлевски“), кој воедно ќе биде и директен конкурент за место во следната фаза.
Пелистер направи значајни промени во составот во однос на ланската сезона, за нов тренер беше доведен Гарабаја на местото на Раул Алонсо, кој успеа да го „воскресне“ тимот во ЛШ минатата сезона, па интересно ќе биде да се види како ќе делува играта на „зелено-белите“ под водство на онвиот стратег.
„Имавме одлична претсезона и сега сите ракометари се спремни за Лигата на шампионите. Треба да го смениме мислите, го менуваме натпреварувањето и треба да знаеме каде сме во елитата. Загреб е компетитивен тим, играат одлична одбрана, посебно во средината. Треба да ја наметнеме нашата игра и да играме како што игравме во периодот на подготовки. Спремен сум да ја доживеам атмосферата во Битола. Сите ми кажуваа откако пристигнав и сакам навивачите да уживаат во нашата игра и да се радуваат на победа на секој наш домашен натпревар“, изјави Гарабаја.
Многу работи во играта на Е. Пелистер повторно ќе зависат од „битолските деца“, капитенот Филип Кузмановски и првиот голман Никола Митревски.
„Среќен сум што ќе го пречкаме Загреб со најдобриот состав. Имавме неколку повредени ракометари кои изостанаа за пријателските натпревари и Суперкупот. Сега сите сме спремни и ќе го пречекаме Загреб. Лигата на шампионите сама по себе е голем мотив и ние ја заслуживме по ланската сезона. Максимално сме мотивирани, знам дека ќе имаме помош од нашите навивачи и очекувам полна сала. Максимално се подготвуваме и го респектираме Загреб. Не треба да зборуваме за историјата на Загреб, мотивирани сме и сакаме со позитивен резултат да ја почнеме Лигата на шампионите. Загреб има искусни ракометари. Со Игор Карачиќ добија многу во нападот. Тој ќе ги спои бековите, искусен е, поминал многу и знае како се игра на Балканот. Сигурно ќе биде мотивиран заради неговото минато со Вардар, клуб со кој ја освои Лигата на шампионите. Сепак, нашиот фокус е на нашата игра, нашата одбрана. Мислам дека сезонава ќе бидеме многу посилни, засилувањата добро се вклопија и изградивме добар систем. Имаме позитивна атмосфера и мислам дека тоа ќе биде клучот за наш успех во среда“, оптимист и Филип Кузмановски пред стартот на новата европска сезона на Е. Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

