Пелистер по голема битка го доби „маратонот“ со Маџари

Пелистер остана со максимален ефект и по третото суперлигашко коло откако битолчани славеа на дуелот со Маџари со резултат 101-90, во маратон што траеше 50 минути и беше решен по две продолженија. Гостите од Скопје повторно имаат за што да жалат откако како и во Куманово одиграа беспрекорно прво полувреме, имаа двоцифрена предност, но дозволија домаќинот да се врати. Маџари имаше шанса за победа и во регуларниот дел, Пелистер се спаси и на крајот од првото продолжение, за битолчани на крајот сепак да го скршат отпорот на гостинскиот состав.

Маџари јасно стави до знаење дека е подготвен за борба поведувајќи со 0-8, а потоа со серијата поени на Хот и до првото двоцифрено водство од 5-15. Гостите од Скопје имаа целосна контрола над резултатот во првото полувреме, за момент водеа и со „плус 14“, а на одмор заминаа со 33-45. „Пелистерци“ се вратија во третата четвртина, а во 30. минута преку Крстевски стигнаа и до првото водство на натпреварот (59-58). Домаќините имаа „плус пет“, но Маџари покажа карактер и се врати, дури и имаше два напада за победа во последната минута што останаа неискористени.

Супердраматично беше првото продолжение, во кое Пелистер на триестина секунди до крајот имаше „плус четири“, но Маџари експресно одговори со пет поени во низа, по што домашниот тим од линијата за слободни фрлања се избори за дополнителни минути. Овој последен период мина во апсолутна доминација на „пелистерци“ кои на крајот триумфираа со конечни „плус 11“.

Прајс со 24 поени беше прв стрелец на Пелистер, додека центарот Вилсон стигна до дабл-дабл од 17 поени и 14 скокови. Најзабележителни кај Маџари во новиот несреќен пораз беа Степлтон со 21 поен, Луканоски реализираше 14 поени, додека Хот оствари дабл-дабл од 13 поени и 11 скокови.

Се вчитува...