Пелистер по тешка битка ја освои „Автокоманда“

Ракометарите на Пелистер се зацврстија на чело на табелата во Супер-лигата, откако попладнево славеа на гостувањето во „Автокоманда“ против Металург2 со минимални 31-32.

За избраниците на Стевче Алушовски ова беше деветта победа во низа по поразот на стартот од сезоната, со што Пелистер уште покажува квалитет и капацитет дури и да ги замрси сметките на Металург во плејофот, во битката за второто место на табелата.

Денешниот дуел во „Автокоманда“ го одбележа израмнета игра на двете страни, на одмор се замина со 17-17, а долго време се играше „гол за гол“, за гостите од Битола на крајот сепак да се одлепат и да стигнат до цел плен. Младите „металурзи“ имаа можност да израмнат во финишот, но не упатија ниту удар кон противничкиот гол во својот последен напад.

Орјоникидзе со осум гола беше најаефикасен кај Пелистер, Чуриќ, Димитровски и Везенковски постигнаа по пет, додека најдобри стрелци кај Металург2 беа Серафимов со 11 и Лазаревски со шест погодоци.

Се вчитува...