Ракометарите на Металург по ремито со Работник денеска експресно се вратија на победите во ракометниот плејоф, триумфирајќи над Пелистер со резулат 34-24. Битолчани се покажаа во добро светло, во голем дел од првото полувреме беа и подобар противник, но актуелниот вицепрвак се разбуди во вистински момент, заигра на највисоко ниво кога беше најважно и на крајот славеше со огромни десет гола разлика.
Гостинскиот состав подобро го отвори натпреварот, диктирајќи го темпото во првите дваесетина минути, за избраниците на Томче Петрески да дојдат и до убедливи 8-12. Тогаш Металург конечно заигра во посакуваниот ритам и со серија од 5-1 набрзина израмни на 13-13. Првото полувреме заврши со резултат 16-16, а во главна улога беше гостинскиот бек Орјоникидзе со шест погодоци.
Александар Јовиќ на самиот почеток од второто полувреме го најде лекот за грузискиот џин, одбраната на „металурзите“ доби на сигурност, па по предноста на „пелистерци“ од 17-19 остатокот од мечот мина во доминација на домашниот тим. Кон средината на вториот дел Металург поведе со 25-22, предност што потоа избраниците на Јовиќ не само што ја задржаа, туку и ја зголемија до конечните „плус десет“ (34-24).
Димитар Димитриоски со седум гола беше прв стрелец на „металурзите“, по шест постигнаа Јагањац и Токиќ, а пет Кузмановски, додека најдобри поединци кај Пелистер беа Орјоникидзе со шест и Чуриќ со четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА