Пелистер покажа зошто е шампион, Охрид настрада во „Боро Чурлевски“

Ракометарите на Е. Пелистер со доминантно издание го оставија зад себе поразот од Вардар, откако вечерва лесно и убедливо го совладаа Охрид со резултат 33-27. Охриѓани во претходниот месец им создадоа многу проблеми на Алкалоид и на Вардар, но овојпат налетаа на ривал кој беше поквалитет во секој аспект и кој заслужено стигна до убедлива победа.

„Пелистерци“ подобро отворија и поведоа со 6-3, Охрид само за момент се приближи стигнувајќи до 7-6, по што следеше нова серија на домашниот тим за водство од 13-8. Со голот на Радивојевиќ домаќините заминаа на одмор со 18-14, а отпорот на охриѓани беше скршен кога Пешевски и Цехте стрелаа прецизно за 20-14 во раната фаза од вториот дел. Гостите беа целосно исфрлели од ритам во нападот, се мачеа да најдат лек за дисциплинираната одбрана на шампионот, кој ја зголемуваше предноста како што одминуваше времето.

Само по 13 минути игра во вториот дел водството на Пелистер веќе беше двоцифрено кога Тајник погоди за 27-17, по што „зелено-белите“ рутински ја одржаа предноста, за Охрид дури во завршните минути да ја спушти на конечните „минус шест“ (33-27).

Радивојевиќ беше прв стрелец на мечот со девет гола, Манасков одигра уште една одлична средба со седум гола без ниту едно промашување, додека Митревски имаше 11 успешни интервенции на голот.

Кај охриѓани најдобар поединец во денешниот пораз беше Ѓукиќ со шест гола, а за одбележување е слабото издание на голманите кои имаа вкупно три интервенции во салата „Боро Чурлевски“ (трите на Чаневски, Ѓорѓевски и Блажевски немаа ниту една одбрана).

Се вчитува...