Ракометарите на Е. Пелистер триумфално го отворија плејофот, и тоа во директна пресметка со големиот ривал Вардар стигнувајќи до победа од 27-21 со која битолчани уште еднаш потврдија дека се решени да ја одбранат титулата на домашната ракометна сцена. Вардар беше сериозно ослабен поради неиграњето на Јапонецот Јасихура, и со лимитирани опции на среден бек гостите одиграа квалитетно прво полувреме, но немаа сили да го издржат темпото. Пелистер покажа и искуство и квалитет, знаеше како да го искористи падот во играта на противникот и заслужено стигна до победата.
Битолчани создадоа фанатична атмосфера, но „вардарци“ веднаш ставија до знаење дека нема да потпаднат под притисокот од трибините, не дозволувајќи шампионот да влезе во серија и резултатски да се одлепи во раната фаза од мечот. Цврстите одбрани беа заштитен знак во првите петнаесетина минути во кои ниту една од двете екипи не успеа да се одлепи на повеќе од еден гол разлика. Ангеловски побара тајмаут во 17. минута, при резултат 6-7, по што следеше мини-пресврт со двата гола на Борзаш и водство на Е. Пелистер од 8-7.
Во последните десет минути од полувремето се влезе со израмнети 8-8, по што двата тима неколку напади се мачеа со реализацијата, па Недановски реши да земе минута одмор и да им подели совети на своите избраници. По повеќе од пет минути без гол на двете страни беше досуден пенал за Вардар што Срдановиќ го претвори во водство на скопјани од 8-9, Кузмановски возврати со прецизен седмерец за 9-9, по што следеа и по две исклучувања на двете страни. Филип Кумановски со својот четврти гол на мечот донесе водство на Е. Пелистер од 10-9, на спротивната страна прецизен беше Лазаревски, па на одмор се заминува со израмнети 10-10.
Жестоката битка продолжи и на почетокот од второто полувреме, во кое Филип Кузмановски презеде одговорност и не дозволи „вардарци“ да се одлепат резултатски, погодувајќи за 12-12 кога Пелистер имаше играч помалку на теренот. Во вистински момент блесна Лесјак со одбранет зицер на Лазревски, по што во 39. минута битолчани преку Тајник станаа првиот тим што стигна до „плус два“ (14-12) на ова дерби. Во 40. минута Ваардар загуби топка на противничката половина со играч помалку, по што Васиљев стрелаше во празна мрежа за 16-13 и тотална еуфорија на трибините во салата „Боро Чурлевски“.
Навивачите одново беа на нозе откако Лесјак при 16-14 му одбрани зицер од контранапад на Родригез, Словенецот потоа имаше уште една одлична одбрана, а Кузмановски со својот седми гол на спротивната страна донесе „плус четири“ за „пелистерци“ (18-14). Вардар беше нокаутиран, па по новата загубена топка на гостите Цветан Кузманоски беше прецизен од контранапад за 19-14. Победникот беше решен, а домашните ракометари знаеја како да ја задржат предноста до самиот крај и конечните 27-21, за еуфорична прослава по двете извонредни интервенции на Лесјак во завршните десет секунди од овој меч.
Филип Кузмановски со осум погодоци беше најзаслужен за големиот триумф на битолчани, седум постигна Словенецот Тајник, а четири неговиот сонародник Нејт Цехте. Во таборот на Вардар најефикасни беа Николиќ со пет и Лазаревски со четири погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА