Кoшаркарите на Пелистер со вечерашниот натпревар на домашен терен против Подгорица (20 часот, сала „Боро Чурлевски“) го завршуваат настапот во АБА2 лигата за оваа натпреварувачка сезона. За жал, неколкуте несреќни порази на претходните натпревари придонесоа на едно коло до крајот да бидат загубени сите шанси за пласман во следната рунда, но „пелистерци“ се решени да одиграат максимално против Подгорица, се со цел достојно да се збогуваат од ова натпреварување.
Воедно, по двете победи во домашното првенство, за тренерот Петровиќ и неговите избраници е исклучително важно уште повеќе да се крене атмосферата пред саботниот дерби дуел од домашното првенство против лидерот ТФТ.
Првиот дуел меѓу Подгорица и Пелистер мина во доминација на македонскиот вицепрвак што траеше повеќе од 35 минути, но домаќините со фуриозен финиш на крајот триумфираа со 90-79, расплет што ќе биде само мотив плус за „пелистерци“ вечерва да ги израмнат сметките со овој противник.
„Се среќаваме со екипа што игра агресивна одбрана. Добро ни се познати нивните квалитети, на првиот меч во Црна Гора водевме 37 минути, на крајот се случи да загубиме убедливо, но знаеме што да очекуваме, што да направиме за да дојдеме до победата. Она што можам да го ветам е максимално ангажирана игра. Штета е што немавме подобри резултати во АБА2 бидејќи загубивме неколку тесни наптревари, но сакаме да ја завршиме сезоната како што треба“, изјави тренерот Александар Петровиќ во пресрет на овој натпревар.
„Без разлика што натпреварот нема резултатско значење, ние сме мотивирани да се покажеме во вистинско светло. Очекувам поддршка, ќе играме пред нашите навивачи и сакаме победа. Воедно, овој дуел треба да ни послужи и како добар тест пред дербито во домашниот шампионат против ТФТ“, додаде Дамјан Крстевски.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА