Пелистер со нова победа на домашен терен (90-85) поведе со 2-0 во четвртфиналната серија против Еуро Никел, по што битолчани се наоѓаат на само еден триумф до пласман во полуфиналето од кошаркарскиот плејоф на Македонија. Откако пред неколку дена неочекувано убедливо го преслушаа ривалот од Кавадарци, „пелистерци“ повторно знаеја како да се одлепат резултатски и да ја одржуваат предноста. Еуро Никел предоцна се разбуди, дури во последната минута внесе мала неизвесност, но битолчани беа доволно искусни да не дозволат „од готово вересија“ и да слават на овој меч.
Првата чевртина мина во подобра игра на битолчани, кои по двете тројки за кратко време на Александар Костоски поведоа со 19-11. Еуро Никел заигра подобро во нападот и до крајот на четвртината ја намали негативата на 32-27, за во вториот период да се проследи далеку послаба ефикасност на двете страни (14-13 за Пелистер) и на одмор да се замине со водство на битолчани од 46-40. Пелистер клучната предност ја направи во третата четвртина, кога избраниците на Радуловиќ заиграа фуриозно во нападот, ја задржаа цврстината во одбраната и се одлепија на 15 поени предност по тројката на Лука Стојановски во 30. минута.
Пелистер рутински ја задржуваше убедливата предност во последните десет минути, но Еуро Никел пред самиот крај намали на осум разлика (84-76 со тројката на Смит Мекоувен). Неочекувано, гостите влегоа во серија и ја вратија неизвесноста откако Дубински погоди три слободни фрлања, а Смит Мекоувен се надоврза со нова тројка, па резултатот на 18 секунди до крајот гласеше 88-85. Возбудата кулминираше откако Лука Стојановски ги промаши двете слободни фрлања, потоа Младеновиќ промаши тројка за израмнување за гостите, но во мешаницата судиите најпрвин им ја доделија топката на кавадарчани, за по прегледување на снимката да ја сменат својата одлука. Следеше брз фаул врз Костоски, по што искусниот плејмејкер беше два пати прецизен и ја запечати победата на својот тим, изразена со конечните 90-85.
Костоски беше најзаслужен за победата со 25 постигнати поени, Маслинко реализираше 21, додека Магдевски го заврши мечот со осум поени и девет асистенции. Најефикасни во таборот на Еуро Никел беа Дубински со 23 и Врањеш со 20 поени.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА