Пелистер против Брера ќе ги „лечи раните“ од Вардар

По два натпревари на домашен терен, фудбалерите на АП Брера денеска (13 часот) ги очекува гостување во Битола, каде ќе ги одмерат силите со Пелистер.

Капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски е свесен за ситуацијата, но има комплименти за противничкиот тим.

„Добрата игра против Вардар е минато. Потребно е да создаваме повеќе шанси за да стигнеме до посакуваната победа. АП Брера игра добар фудбал, но ние мораме да одиме на победа“ – вели искусниот голгетер кој единствениот погодок оваа година го има токму против струмичкиот клуб.

Ќе биде тоа тежок дуел за избраниците на Мартин Алаѓозовски, со оглед дека на домаќинот му се потребни бодови во битката за опстанок.

Но, АП Брера нема намера да отстапи од својата филозофија, да се надигрува со противниците и да игра „за гол повеќе“. Тоа даде ефект на последните две гостувања, кога струмичани славеа против Струга ТЛ (2-4) и против Работнички (3-4).

По сличен рецепт, составот на Мартин Алаѓозовски, ќе се обиде да стигне до позитивен резултат и на денешното гостување на стадионот „Петар Милошевски“ во Битола.

Во пресрет на 13. коло од Прва МФЛ, тимот на АП Брера се наоѓа на шестата позиција со 15 освоени бода, додека Пелистер е десетти со осум бода.

Се вчитува...