Македонскиот вицешампион Еурофарм Пелистер вечерва ќе му гостува на Кадетен Шафхаузен во вториот натпревар од новата сезона во Лигата на Европа. „Пелистерци“ во Швајцарија одат само со една мисла, а тоа е поправање на впечатокот од мечот со Ним во првото коло.
Тренерот Жељко Бабиќ верува дека по разочарувачкиот настап во првиот меч и големиот пораз од Ним, неговите ракометари може да триумфираат на гостувањето во Швајцарија.
„Нашиот противник има голема традиција. Тие се силен тим, кој трча многу и игра цврста одбрана. Сигурно дека играме против сериозен противник против кого верувам дека ќе победиме. Одиме во Швајцарија со почит, но тоа е меч на кој можеме да победиме. Немаме многу што да менуваме. Јосип Периќ ќе започне од првата минута. Сè други е горе-долу исто. Мора да одиграме добра одбрана, а ако сакаме победа, мора да бидеме далеку попрецизни во напад“, вели Бабиќ.
Слично размислува и крилото на битолчани, хрватскиот интернационалец Јосип Божиќ Павлетиќ…
„Сигурно дека ќе биде нов тежок натпревар. Очекувавме подобра игра пред навивачите на првиот меч. Сигурно и тие ќе бркаат бодови како и ние. Ние одиме да дадеме сè од себе и ако има прилика да освоиме бодови. Кадетен е најсилен на бековските позиции. Гледавме натпревари изминатите неколку дена. Нашата одбрана мора да биде на ниво против средниот бек. Мора да даваме и лесни голови. Ако одиграме како што се договоривме, мислам дека нашите шанси се добри“, изјави Божиќ Павлетиќ.
Натпреварот меѓу Шафхаузен и Пелистер кој е закажан за утре е со почеток во 18.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА