Пелистер против Вардар, битка за првиот ракометен трофеј сезонава

Се е подготвено за отворањето на ракометната сезона во Македонија што традиционално стартува со Супер-куп натпреварувањето, што овојпат ќе се одржи во салата „Јасмин“ во Кавадарци.

Денеска во 19 часот силите ќе ги одмерат шампионот Пелистер и куп-освојувачот Вардар, во трета битка на двата македонски ракометни гиганти за помалку од еден месец. Битолчани славеа над „црвено-црните“ на турнирот во Охрид, потоа повторно и на регионалниот турнир „Скопје 2025“, па јасно е дека „зелено-белите“ ќе сторат се за да го освојат првиот трофеј сезонава.

Тие лани беа поразени во Супер-купот од Алкалоид во Гевгелија, но ќе се обидат годинава да стигнат до пехарот.

„Одигравме корисни пријателски натпревари и спремни сме за тоа што доаѓа. А сега доаѓа најдоброто. Мислам дека сме спремни за Суперкупот на Македонија против Вардар. Имаме многу натпревари пред нас, но ростерот е долг и квалитетен. Мислам дека сите можеме да придонесеме во успехот на колективот. Дојдов да помогнам во овој одличен тим и едвај чекам да почнат официјалните натпревари. За еден спортист дерби натпреварите се нешто посебно. За такви натпревари работиме, тренираме и се жртвуваме. Уште на пријателските натпревари проти Вардар видов дека нема ништо пријателско и мора да се игра сериозно. Едвај чекам да почне натпреварот“, изјави десното крило Рудолф Хекберт.

Иван Чупиќ има очигледно проблеми на стартот на тренерската авантура во Вардар, Хрватот се пожали дека повредите се причина за осцилациите во играта во подготвителниот период, но и најави дека неговиот тим мора да игра подобро од официјалниот старт на сезоната

„Почнува борбата за Суперкупот. Имавме малку време да се рекуперираме, а во последно време игравме многу и немавме доволно тренинг, плус се мачиме со повреди. Но, што е тука е – знаеме дека мораме и можеме подобро. Сакам играчите да бидат целосно фокусирани на своите задачи, без притисок и алиби. Играчот што носи дрес на Вардар мора да знае дека тоа е привилегија и обврска. Го почитуваме Пелистер како актуелен шампион, но очекувам поагресивен и подисциплиниран Вардар. Утрешниот меч е сосема различен од пријателските – тоа е борба за трофеј, пред полна сала, и сигурен сум дека ќе видиме вистински ракометен спектакл“, истакна Чупиќ во пресрет на денешниот дуел со „пелистерци“.

Се вчитува...