Пелистер реагира: Изненадени сме од делегирањето на скопски судија за мечот со Вардар

Фудбалскиот клуб Пелистер, реагира по повод одлуката дербито со Вардар во недела во 20 часот, да го суди скопскиот судија Игор Стојчевски.

„Зелено-белите“ велат дека го поздравуваат потегот да биде дербито во вечерен термин, но реагираат за делегирањето.

„ФК Пелистер целосно го одобрува начинот на кој најголемото македонско фудбалско дерби е претствено – со вечерен натпревар, две навивачки групи на нашиот најголем стадион и убедени сме дека со помош на свесноста на двата клуба, дербито ќе биде во фудбалски амбиент и без инциденти.

Исто така сакаме да ја апострофираме нашата целосна доверба во структурите и професионалците во Судиската комисија при ФФМ, но изненадени сме од делегирањето на скопски судија за натпреварот од второто коло на Првата фудбалска лига меѓу Вардар и Пелистер. Ретко, скоро никогаш, тоа било случај и се прави лош исклучок кој не им помага на клубовите, а ни на судијата Игор Стојчевски и неговите помошници. Сметаме дека постоеше широк избор на судии кои не доаѓаат од Скопје или Битола, а можеа да бидат делегирани за овој натпревар. Ниту на одличниот судија Стојчевски не му се прави услуга, туку му се наметнува директен притисок пред најголемиот натпревар во мак-фудбалот.
Веруваме дека треба дополнително да се размисли при вакви делегирања, за професионалците да не се стават во незгодна ситуација и под огромен притисок и да не се остави простор за сомнеж кај јавноста и навивачите.
Нека биде дерби за пример на мак-фудбалот!“, стои во соопштението на Пелистер.

Се вчитува...