Пелистер ремизираше со Целје (26-26)

Ракометарите на Еурофарм Пелистер ремизираа на гостувањето против Целје (26-26), во првиот контролен натпревар што тимот на тренерот Бабиќ го одигра како дел од подготовките за вториот дел од сезоната. Во двете екипи недостигаа по неколку стандардни ракометари кои се со своите селекции на СП во Египет, но дуелот со квалитетен ривал беше добра можност за Бабиќ да ги види на дело оние играчи кои ги има на располагање во моментов.

Битолчани беа подобар противник во првото полувреме, во кое благодарение на одличниот Чаневски стигнаа до предност од 9-12. Словенците беа подобри во второто полувреме, целосно враќајќи се во натпреварот. Целје беше поблиску до победа водејќи со 26-25 до самиот финиш, но Мараш со гол на неколку секунди до крајот донесе реми за македонскиот вицешампион.

Чаневски имаше 12 одбрани на голот на Еурофарм Пелистер, а најефикасни беа Мандалиниќ со седум и Граџан со пет постигнати гола.

Се вчитува...