Ракометарите на Е. Пелистер рутински стигнаа до триумф на дуелот со Пролет, славејќи со 30-21 како утеха по поразот на дербито со Вардар пред неколку дена. „Зелено-белите“ лесно ја потврдија разликата на квалитет на теренот, уште во првото полувреме создавајќи двоцифрена предност со која практично за 30 минути го решија победникот на овој натпревар.
Филип Кузмановски и Цветан Кузманоски беа во главна улога на почетокот, носејќи рано водство од 3-0, потоа и од 6-2. Одбраната на „пелистерци“ делуваше моќно во првото полувреме, од неа произлегоа и лесни голови на спротивната страна, позитивата растеше од минута во минута и на одмор се замина со резултат 20-9. Убедливото водство придонесе тренерот Ангеловски да одмори дел од клучните ракометари во вториот дел, разликата се движеше околу десет гола за на крајот мечот да заврши со конечни 30-21, по одбранетиот пенал на Ивиќ на десет секунди до крајот и голот на Цехте во самиот финиш.
Цветан Кузманоски беше најефикасен во победничкиот тим со шест гола, пет постигна Филип Кузмановски, а четири Цехте, додека прв стрелец на Пролет во денешниот пораз беше Димковски со шест погодоци.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА