Откако стадионот „Петар Милошевски“ ги угости младинските репрезентации на Македонија и Италија во квалификациите за ЕП 2027, конечно и ФК Пелистер ќе истрча на домашен терен во рамките на петтото коло од Првата македонска фудбалска лига.
Гостин во Битола е екипата на Арсими, а куриозитет претставува тоа што овие два тима во официјални натпревари досега се сретнале само во пониските рангови, поточно во Втората македонска фудбалска лига, во сезоните 2022/23 и 2023/24. Пелистер има позитивна традиција со три победи и едно реми, што само ги подгрева очекувањата на битолската публика, која првпат сезонава ќе има можност да ги бодри своите миленици на стадионот под ридот Тумбекафе.
„Ова ни е прв натпревар на домашен терен во новата сезона, а дополнителен мотив е вечерниот термин. Арсими е добар тим и сака да се надигрува, но ние очекуваме поддршка од нашите навивачи и полн стадион кој ќе заблеска по неодамнешните инвестиции. За битолската публика сѐ освен три бода ќе биде неуспех, а истото го прифаќаме и ние како играчи. Ветуваме дека ќе го дадеме максимумот, ќе го оставиме срцето на терен и ќе ги освоиме трите бода,“ вели фудбалерот Александар Ристевски.
Очекувано, тренерот Димитар Капинковски е поумерен во изјавите и со респект зборува за досегашните настапи на тимот кој доаѓа во Битола.
„Арсими е нов прволигаш кој се засили со искусни играчи со значајно искуство во нашиот фудбал. Поминаа веќе четири кола и веќе имаме јасна слика дека тоа е тим што заслужува респект – сакаат да се надигруваат и играат допадлив фудбал. Имаат тесни резултати, две нерешени средби и минимални порази од Силекс и Струга, поради што не смеат да се потценат. Сакаат да играат отворен фудбал, но ние ќе се фокусираме на нашата игра. Првпат сезонава ќе играме во Битола пред домашната публика и се надеваме на добра посетеност, силна поддршка и да ги задоволиме вкусовите и очекувањата за еден квалитетен натпревар,“ резимира Капинковски.
Натпреварот меѓу Пелистер и Арсими ќе се одигра со почеток во 19:00 часот и ќе биде последен од петтото коло во ПМФЛ, откако во 15:30 ќе се сретнат Струга и Тиквеш.
На спротивната страна, прволигашот од Гостивар се надева дека ќе успее да го расипе шоуто на битолчани и да стигне до првата овосезонска победа.
„Не очекува тежок натпревар против Пелистер. Тоа е екипа со квалитет и силна поддршка од трибините, особено кога игра дома. Имаме голема почит кон нив, но во исто време сме подготвени да се надигруваме и да покажеме што знаеме. Во текот на паузата работевме напорно и веруваме во нашите сили. Целта ни е да одиграме максимално посветено, да ја контролираме играта и да стигнеме до позитивен резултат. Ќе дадеме сè од себе за да ги израдуваме нашите навивачи, изјави фудбалерот за врска, Леонид Игњатов.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

