Пелистер и Феникс ќе го одиграат последното четвртфинале на првиот ден од програмата на завршниот турнир од Купот на Македонија. Битолчани како домаќини не ја кријат желбата да стигнат до трофејот пред своите верни навивачи, но против себе ќе го имаат Феникс, тим од кој беа елиминирани лани од ова натпреварување.
Овие два тима се сретнаа пред неколку дена во рамките од Првата лига, при што Пелистер по голема битка успеа да триумфира како најава за куп-битката.
„Очекувам дека Битола како прво ќе се покаже како одличен домаќин. Видливо е дека Пелистер како клуб расте од година во година, овој дел од сложувалката со организацијата на Купот е благодарение на Општина Битола и на компанијата „Таск Форс“. Очекувам дека ќе имаме тродневен спортски маратон каде ќе гледаме убави натпревари и каде битолската публика ќего препознае квалитетот и ќе ни даде поддршка. Во однос на противникот, Феникс е традиционално незгоден ривал на Пелистер, и оваа година натпреварот пред неколку дена се покажа како доста тежок за нас. Имајќи го во предвид фактот дека за 13 дена игравме шест меча и истрошеноста беше видлива, во однос на тоа како се одвиваше мечот. Се надевам дена во наредните денови ќе се стабилизираме и добро ќе се подготвиме за она што не очекува в четврток. Во моментов сме фокусирани само на Феникс, тим што цела сезона игра квалитетно, воопшто не размислуваме на ништо друго“, изјави стратегот на „пелистерци“, Дарко Радуловиќ.
Феникс лани приреди изненадување со пласманот во големото финале, а скопскиот клуб ќе допатува во Битола со уште поголем оптимизам, најавувајќи атак на големиот трофеј.
„Ние лани игравме финале, оваа година сме дојдени за да го освоиме трофејот. Ќе бидам краток. Го почитуваме секој противник, Пелистер е квалитетна екипа, наптреварот ќе биде тежок, но ние доаѓаме за да го освоиме трофејот“, прокоментира тренерот Денис Дервишевиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА