Македонија ќе има нов кошаркарски вицешампион откако Пелистер не успеа најмалку да го повтори минатосезонскиот успех и да се пласира во големото финале. Битолчани беа запрени во четвртфиналето во кое и покрај тоа што имаа негатива од 2-0, успеаја да изедначат со два одлични натпревари пред својата публика, но не и да направат целосен пресврт во „мајсторката“ која ја одлучи Андреј Шошкиќ со поени со звукот на сирената.
Пелистерци се огласија со соопштение во кое им се заблагодарија на фановите за поддршката во изминатите десет месеци и најавија уште посилен тим за сезоната 2025/26 која ќе биде „зелено-бела“.
„Оваа натпреварувачка 2024/25 заврши за КК Пелистер, резултатски не онака како што посакувавме.
По три финалиња во низа во плејофот и едно во Купот на Македонија, оваа сезона бевме запрени во четвртфиналето од Работнички, во нашиот најдобар меч сезонава во кој еден шут пресуди наместо во полуфиналето, предвреме да го завршиме настапот во плејофот.
Разочарувањето е големо затоа што и амбициите со кои влеговме во оваа сезона беа огромни. Посакувавме да донесеме прв трофеј во кошаркарска Битола, за клубот да продолжи да чекори напред резултатски, како што тоа го прави и на организациски план.
За жал, резултатите на терен изостанаа, без оглед на големата поддршка што ја чувствувавме од спортска Битола, за време на нашите домашни натпревари, но и севкупно со атмосферата што беше создавана во градот во изминатите десетина месеци, во која кошаркарите се чувствуваа дел од големото „зелено-бело“ семејство.
Токму оваа врска што ја чувствуваме со Битола и со „Чкембари“ ја прави уште поголема нашата желба, да се вратиме уште подобри и да сториме се за да го оствариме сонот за кошаркарски трофеј во Пелистер.
Поставивме клуб на здрави темели, како ниту еден друг во мак-баскетот и не се сомневаме дека резултатите ќе дојдат. Лекцијата од оваа сезона е научена, грешките нема да бидат повторени, а со квалитет на терен и врвна поддршка од трибини каква што имаме од битолчани, имаме право да веруваме – дека следната сезона ќе биде сезона на КК Пелистер.
Се гледаме на стартот на 2025/26, со многу повеќе причини за радост за спортска Битола…
Со почит,
КК Пелистер“, стои во соопштението на КК Пелистер.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА

