Бројните странски засилувања што ги донесе Пелистер пред стартот на сезоната не ги оправдаа очекувањата и на полусезоната актуелниот состав најверојатно ќе претрпи посериозни промени. После Вардар кој има 15 странци во составот, Пелистер со 10 беше втор тим со најмногу странски играчи во македонската Супер лига. Јошко Петковиќ по преземањето на клупата на Пелистер веќе ги направи првите резови – од обрвските беа ослободени Владимир Зејак и Моше Карамијан, а во тимот се врати Стефан Дрогришки. Во најава се уште неколку „корекции“ во битолскиот тим.
„Кога дојдов во Пелистер се нафатив да го подигнам нивото, да има работа, ред и дисциплина и да го одработам тоа што треба. Двајца ракометари од составот што го затекнав ги ослободивме од обврските, уште двајца мислам дека се во Пелистер по „сплет на околности“ . Подобро е да имаме еден квалитетен играч отколку да ги имам неколку на број, а сепак, да го немаме тоа што ни треба. Јас повеќе би сакал да бидат македонски играчи од тоа што е на располагање. Јас би сакал да донесам уште 2-3 македонски играчи и евентуално да има 1-2 странци. Пелистер е голем клуб, бил и ќе биде. Да не бидам погрешно сфатен, ама мислам дека сезонава не е добро одбработен преодниот рок. Од овие 18 играчи, барем 5-6 се далеку од нивото на Пелистер“ – вели српскиот стратег на клупата на битолскиот тим.
Фокусот сезонава ќе биде борбата за место во плеј-офот, а желбата е Пелистер да биде конкурентен и во борба за второто место.
„Да видиме како ќе биде на наредните четири натпревари. Најтешко ќе биде во сабота со Пролет. Да не биде само еден еден добар натпревар и толку. Имаме добра атмосфера, добра соработка и треба сето тоа да го преточиме во нешто повеќе. Јас би сакал да се одмериме со Металург и да се бориме за тоа второ место. Тоа е реално, бидејќи Вардар сезонава, а сигурно и наредната ќе биде посебна приказна, но борбата за второто место ќе биде интересна. Зошто да не се обидеме? Тука во конкуренција се Еурофарм, Металург, Пелистер… Драго ми е и за мојот поранешен играч Игор Котевски кој прави добра работа со Бутел“ – истакнува Петковиќ.
Откако му зедоа бод на Еурофарм Работник во градското дерби во Битола, следен предизвик за „пелистерци“ ќе биде саботното гостување во Скопје против Пролет, што директно ќе влијае на распоредот во горниот дел од суперлигашката табела.
„Да одиграме добар натпревар со Пролет и да го материјализираме квалитетно ова што го работиме. Се надевам дека ќе го оствариме тоа за што дојдов во Пелистер – да обезбедиме плеј-оф“ – вели Јошко Петковиќ.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА