Пелистер во второто коло го претрпе првиот пораз во АБА2 лигата откако македонскиот вицешампион загуби на гостувањето во Подгорица од истоимениот ривал со убедливи 90-79. Конечниот исход не е реална слика за случувањата на мечот ако се знае дека битолчани во долги периоди од натпреварот имаа водство, но се им е попусто кога се распаднаа во финишот, нецели седум минути беа без постигнати поени, овозможувајќи им на домаќините со огромен пресврт да стигнат до победата.
Подгорица беше подобра во првите пет минути од натпреварот, домаќините отворија со 8-2, имаа шест и седум поени предност, но Пелистер успеа да се врати и со тројката на Мишковиќ дури и да поведе со 21-22 на крајот од првата четвртина. Вториот период мина во знакот на битолчани кои погодија пет тројки, целосно го контролираа резултатот, но домаќините пред крајот се вратија и на одмор се замина со само два поена предност на македонскиот претставник (41-43). Во третиот период слична слика како и во вториот, Пелистер во долги периоди беше подобар ривал, но црногорскиот тим во финишот заигра поцврсто во одбраната и во последните десет минути се влезе со водство на „зелено-белите“ од 63-69.
Пелистер имапе 68-75 на осум и пол минути до крајот, но тогаш следеше неверојатен пад во нападот, серија грешки и промашени шутеви. Црногорците го искористија тоа и со серија од 13-0 во следните шест и пол минути го свртеа резултатот во воја полза, за до крајот уште повеќе да ја зголемат позитивата до конечните 90-79.
Центарот Едвардс со 24 поени и осум скокови беше значаен фактор во играта на Пелистер, Антоан постигна 10, додека Мишковиќ имаше 14 поени, но со слаб шут од игра 4/14 и дури пет загубени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА