Вицешампионот КК Пелистер неодамна го претстави новото лого на клубот со кои битолчани најавија влез во нова победничка ера. Во меѓувреме до клубот стигнале најразлични реакции за ваквиот потег, по што управата на „пелистерци“ реши за новата сезона сепак да го врати старото лого.
Соопштението на КК Пелистер го пренесуваме во целост:
Кошаркарскиот клуб Пелистер пред десетина дена го објави новото лого на клубот, во кое наша главна цел беше да биде ставен акцент на битлските симболи, Баба Планина, Саат Кулата и моликите.
Пелистер е клуб што отсекогаш е гордост на Битола и новото лого беше само потврда на силната врска на нашиот колектив со градот чиј заштитен знак се овие симболи.
Изненадени бевме од реакциите добиени поврзани со новото лого кое беше создадено со најчесни можни намери, но сепак решивме да излеземе во пресрет на оние кои реагираат.
Остануваме на желбата со „ново лого да влеземе во нова ера на клубот“, но решивме шампионатот да го почнеме со досегашниот клупски симбол, кој ќе го носиме до крајот на оваа натпреварувачка сезона.
Во меѓувреме, отворени сме за дискусија и предлози околу дополнување на логото или евентуално ново идејно решение, се со цел КК Пелистер да има симбол со кој ќе се гордее цела Битола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА