Пелистер стигна до значајна победа во АБА2 лигата откако битолчани по голема борба попладнево во Нови Сад го совладаа хрватскиот претставник Шибенка со 85-78, и тоа дури по продолжението од пет минути. Битолчани покажаа карактер враќајќи се од негатива од 16 поени, а во преден план беше центарот Планиниќ, кој одигра маестрално во клучните моменти и му ја донесе победата на својот тим.
Македонскиот вицешампион беше подобар противник на стартот, но по поените на Стојановски за водство од 14-9 следеше огромен пад, Пелистер пет минути до крајот на четвртината не успеа да постигне ниту еден поен, па Шибенка го искористи тоа и го сврте резултатот во своја полза, за предност од 14-18. Доминацијата на хрватскиот тим продолжи и во вториот период, во кој Шибенка имаше „плус 16“ (23-39). Избраниците на Радуловиќ конечно се разбудија пред крајот на полувремето, кога по водството на противникот од 26-41 постигнаа 11 поени во низа и на одмор заминаа со негатива од 37-41.
Битолчани повторно влегоа во црна серија не постигнувајќи поени во првите четири минути од третата четвртина, но благодареие на цврстата одбрана не дозволија противникот да се одлепи. Конечно, профункционира и нападот, Шибенка влезе во проблеми со лични грешки, а „пелистерци“ го искористија тоа и со прецизни удари од линијата за слободни фрлања останаа во мечот. Во последниот период македонскиот претставник стигна и до пресврт, поведувајќи со поените на Најт со 65-66. Во неизвесна завршница и двете екипи промашија напади за победа, по што победникот мораше да биде решен со продолжение.
Шибенка подобро го отвори дополнителниот период, поведе со „плус четири“, но „пелистерци“ успеаја да се вратат најмногу благодарение на одличниот Планиниќ, кој имаше три офанзивни скокови и реализации во клучните моменти, самиот правејќи пресврт и носејќи водство од 77-76. Последниот од низата прекршоци беше неспортски, па Пелистер доби и напад плус што Костоски со тројка го претвори во водство од 80-76. Тренерот на Шибенка побара тајмаут, но македонкиот вицешампион знаеше како да ја задржи предноста, на крајот триумфирајќи со конечни 85-78.
Планиниќ беше човек на одлука со 26 поени и 14 скокови, Мијовиќ постигна 23 поени, а Костоски го заврши мечот со 14 поени за македонскиот тим, за кој ова беше трета победа сезонава во регионалното натпреварување.
Пелистер во својот следен меч од турнирот во Нови Сад ќе се сретне со словенечкиот претставник Домжале, меч закажан за петок со почеток во 15 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА