Пелистер со италијански предизвик во квалификациите за ЛШ

Италијанскиот прволигаш Реџо Емилија ќе биде првиот противник на КК Пелистер во квалификациите за Лигата на Шампионите, беше одлучено со денешната ждрепка со која раководеше Дејан Лекиќ, поранешниот Генерален секретар при КФМ кој со години наназад работи во ФИБА.

Ждрепката не беше премногу наклонета на македонскиот тим, кој за ривал го доби еден од најсилните можни противници. Пелистер беше избран во првата група од квалификациите, во која има осум екипи, а само победникот од турнирот ќе се пласира во групната фаза од ЛШ.

Доколку победи против Реџо Емилија, Пелистер во полуфиналето од турнирот ќе се сретне со победникот од мечот Орадеа (Романија) – Јувентус (Литванија). Победникот од овој полуфинален дуел во големото финале од турнирот ќе се сретне со најдобриот од преостанатите четири тима, ПАОК – СЦ Дерби и Бурса – Брауншвајг, кои ќе разигруваат во горниот дел од костурот.

Турнирот ќе биде одигран на почетокот од месец септември, а ФИБА во текот на овој месец ќе го објави и клубот кој ќе биде организатор за овој кошаркарски спектакл.

Се вчитува...