Пелистер со клучна победа во АБА2 лигата

Пелистер забележа огромна победа за обезбедување на место на завршниот турнир од АБА2 лигата откако македонскиот вицепрвак славеше на денешниот дуел со Слога Краљево со резултат 96-93. Стануваше збор за директна пресметка меѓу два тима кои беа во трка за осмото место на табелата, па „пелистерци“ на едно коло до крајот имаат една победа повеќе од српскиот претставник, но и подобар меѓусебен дуел.

Битолчани од самиот почеток наметнаа темпо што противникот се мачеше да го следи, најпрвин поведе со 15-10, а потоа пред самиот крај на првата четвртина се одлепи на „плус девет“ (25-16). Силаџи погоди на самиот почеток до втората четвртина за првото двоцифрено водство (27-16), за веднаш потоа прецизен од далечина да биде и Карпентер, за убедливи 30-16 уште во 12. минута од натпреварот. На одмор се замина со резултат 56-40, предност што избраниците на Марјан Илиевски ја задржаа и во третата четвртина. И кога требаше рутински да се задржи позитивата во завршните десет минути, дојде до огромен пад по двете лични грешки при обиди за тројка на противничките кошаркари.

Предноста почна да се топи, Карпентер погоди среќна тројка од табла при „плус два“ за „плус пет“, но Слога продолжи да се бори буквално до последните секунди. Стајиќ погоди едно од двете слободни фрлања за 96-93, по што беше Слога ја промаши тројката за израмнување, за огромна радост на битолчани по последниот свиреж на сирената.

Карпентер беше одличен во нападот со 26 поени, а на ниво беше и Карутерс, кој реализираше 23 поени и 9 асистенции, додека Андреј Маслинко го заврши натпреварот со 19 поени.

Пелистер во последното коло ќе се сретне со Подгорица, меч на кој избраниците на Илиевски со победа можат уште повеќе да го подобрат својот пласман на табелата пред завршниот турнир.

Се вчитува...