Пелистер му одржа вистинска кошаркарска лекција на МЗТ Скопје и тоа среде Аеродром победувајќи со 66-72 во првиот натпревар од вториот дел од сезоната во Првата македонска кошаркарска лига.
Повеќе од заслужена победа на битолчани во 14. коло од шампионатот против актуелниот шампион, јасно потврдувајќи дека и тоа како оваа сезона играат на картата на највисок пласман во македонското првенство.
Дека ќе биде тоа натпревар на Пелистер беше очигледно уште во првата четвртина која гостите ја добија со 14-24. Во продолжението, низ следните два периоди од играта МЗТ се обиде да се врати, па успеа да дојде на крајот од третата четвртина и до само два негатива (53-55), но тогаш кога беше најпотребно кошаркарите на Пелистер ја покажаа својата доминација и со извонредна последна четвртина дојдоа до триумфот од 66-72.
Магдевски со 20 поени и 11 скока беше предводникот до победата на Пелистер, а со 15 постигнати поени заврши Мијовиќ. По 11 поени постигнаа Костоски, Планиниќ и Маслинко.
Кај МЗТ Скопје, Расел заврши со 16 поени, а Војдан Стојановски постигна 13 поени.
Со оваа победа, Пелистер сега има 10 победи, наспроти и четири порази, за делба на третата позиција на табелата со Работнички. МЗТ Скопје е прв со 12 победи и сега два порази, а втор е Еуроникел со 11 победи и три порази.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА