Актуелниот вицешампион на Македонија, КК Пелистер, преку ново соопштение се пожали на индолентниот однос од водечките луѓе на КФСМ, кои и покрај дадените ветувања упорно ја кријат од битолчани информацијата за тоа кој клуб колку пари должи на федерацијата за оваа натпреварувачка сезона.
Битолчани предупредуваат дека со самото толерирање на одредени клубови првенството е нерегуларно, бидејќи некои екипи ги плаќаат обврските, додека другите се „кредитирани“ од федерацијата, па наместо да ги платат казните, тие пари ги инвестираат во нови кошаркари.
Соопштението на КК Пелистер го пренесуваме во целост…
Искрено жалиме што повторно се јавуваме со соопштение, но сметаме дека тоа е единствениот начин да се допре до јавноста во периодот на апсолутно самоволие на раководството во заминување на КФСМ.
Минаа повеќе од два месеца, слушнавме многу ветувања кои останаа ноторни лаги од водечките луѓе на федерацијата, по нашето сосема легитимно барање да го добиеме списокот на клубови – должници кон КФСМ.
Како единствен клуб што од почетокот на сезонава редовно ги подмирува обврските кон куќа на кошарката, имаме апсолутно право да знаеме кои клубови во колкава мера се кредитирани од страна на федерација. На оваа крајно дискриминирачка појава предупредивме уште пред извесно време, клубовите наместо да ги плаќаат казните парите ги насочуваат кон нови засилувања со што го прават ова првенство, како и претходните од последните неколку сезони – максимално нерегуларно.
Дури и сега, кога федерацијата се закани со суспензии на клубовите кои нема да ги подмират обврските (последниот рок е утре), од КФСМ од сосема неразбирливи причини до ден денеска кријат кој клуб колку треба да исплати. Затоа, со право јавно прашуваме – дали и утре куќата на кошарката ќе прикрие доколку некој од „пријателските клубови“ на водечките луѓе не ги подмири долговите.
Сакаме да потенцираме – фактот дека сме клуб без долгови не значи и дека сме клуб со најголем буџет во Македонија, само дека како управа знаеме како домаќински да ги располагаме средствата, да трошиме онолку пари колку што имаме на располагање, а не да се задолжуваме и потоа да се пазариме за враќање на долговите, без разлика дали кон федерацијата, или кон играчите и тренерите.
За хаосот во КФСМ најдобро говори фактот за „продолжениот викенд“ што си го земаа сите во куќата на кошарката, па ги промашија и термините за закажување на првите средби од плејофот. Задолжително е делегирањето да се изврши и клубовите да бидат известени за тоа најмалку 48 часа пред одигрувањето на мечот, нашиот дуел со Работнички е закажан за утре во 16.30 часот, известени бевме нешто повеќе од 24 часа пред мечот.
Согласно правилата, имаме апсолутно право тој меч да не го играме, но тоа нема да се случи бидејќи КК Пелистер секогаш ќе настојува на спортска битка на терен, без разлика на игрите и „шемите“ на останатите, на чело со федерцијата.
Со почит,
КК Пелистер
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА