Пелистер со плус два на полувреме против Спортинг Лисабон

Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер има предност од 15-13 на полувреме против португалскиот шампион Спортинг Лисабон во меч од 4. коло од новата сезона во Лигата на шампионите.

Македонскиот шампион многу подобро го почна натпреварот, а со помош на Митревски кој беше одличен на голот по десет минути игра стигна до највисоките во тој момент плус три (5-2). По добриот старт, следуваше пад на домаќинот. Филип Кузмановски не искористи неколку „зицери“ па по 15 минути игра гостите успеаја да се вратат во егал (7-7).

Во следниот период се играше гол за гол па по 22 минути резултатот на семафорот изнесуваше 10-10, по што следуваше првиот тајмаут на тренерот на домашниот тим, Бранислав Ангеловски. По тајмаутот „зелено-белите“ повторно заиграа подобро, па со голот на Жарко Пешевски во 25. минута македонскиот шампион повторно стигна до плус два (13-11), по кои и гостинскиот тренер Рикардо Кошта го побара својот прв тајмаут.

Кузмановски и Пешевски со по четири гола се први имиња во таборот на пелистерци, додека кај Португалците Салвадор и Кошта имаат исто така по четири гола.

 

Се вчитува...