Ракометниот шампион на Македонија, Пелистер има позитива од 12-10 против Висла Плоцк по првото полувреме во натпреварот да се биде или не како дел од 10. коло од Лигата на шампионите.
Натпреварот почна израмнето. Иако Пелистер прв стигна до плус два (3-1), оваа позитива Полјаците брзо успеаја да ја анулираат и по девет минути игра резултатот на семафорот да изнесува 3-3. И покрај тоа што имаа играч помалку во следните две минути, домаќините одиграа одлично, па со голот на Филип Кузмановски во 11. минута повторно стигнаа до плус два (5-3).
Атанасијевиќ имаше контра и за плус три, но откако не ја искористи, следеше нова казна од гостите кои со два брзи гола повторно стигнаа до израмнување 5-5. Во следниот период се играше многу тврдо, па по 20 минути игра мечот се уште беше во егал (7-7).
Иако имаше неколку напади и за плус два, Пелистер не успеа да се одлепи во продолжението на мечот, па гостите со голот на Пирок во 28. минута повторно стигнаа до израмнување 10-10. До крајот на првиот дел „зелено-белите“ сепак успеаја да стигнат до плус два и на пауза да заминат со позитива од 12-10.
Филип Кузмановски со четири гола е прво име во таборот на Пелистер по првиот дел, додека кај гостите Миха Зарабец исто така има четири гола.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА