Пелистер со пораз од Спартак го заврши настапот во АБА2

Кошаркарите на Пелистер ја загубија пресметката со Спартак Суботица (81-88) во последното коло од АБА2 лигата на турнирот од Широки Бријег, исход со кој македонскито вицепрвак и дефинитивно ги загуби сите шанси за пласман во четвртфиналето од регионалното натпреварување. Битолчани платија за катастрофалното издание вовтората четвртина, па „будењето“ во вториот дел не беше доволно за да се земе скалпот на фаворитот од Суботица, кој со оваа победа го осигура првото место во пресрет на плејофот.

Првите 10 минути минаа во израмнета игра во која екипите се менуваа во водство, а по поените на Миовиќ за Пелистер, тимот на Спартак ја заврши четвртината со само два поени предност (16-18). Дуелот беше израмнет се до 29-31, по што српскиот тим влезе во серија и експресно дојде до „плус десет“(39-49). Битолчани немаа одговор за нападите на противничкиот тим, па Спартак замина на одмор со убедливи 31-47. Советите на полувремето вродија со плод, Пелистер заигра поквалитетно во вториот дел, успевајќи да ја намали негативата и во последните десет минути да се влезе со шест поени негатива (60-66). Македонскиот вицешампион дојде и на четири поени разлика (66-70), но немаше сили за целосен пресврт, во последната четвртина имаше и неколку промашени слободни фрлања со кои му помогна на противникот да го одржи водството и да триумфира со конечните 81-88.

Магдевски со 24 поени беше најефикасен во таборот на Пелистер, додека Планиниќ оствари дабл-дабл од 17 поени и 14 скокови. Дабл-дабл имаше и Андреј Маслинко од 11 поени и 10 скокови, премалку за да се избегне пораз од еден од најдобрите тимови во АБА2-лигата.

„Пелистерци“ ја завршија сезонава со скромни пет победи и осум порази во АБА2-лигата, недоволно за да се стигне во Топ 8 од натпреварувањето.

Се вчитува...