Македонскиот ракометен шампион, Пелистер вечерва на домашен терен ќе го пречека Веспрем во меч од 6. коло од новата сезона во Лигата на шампионите. По поразот во дербито од Алкалоид во вторникот „пелистерци“ се разделија со тренерот Бранко Ангеловски, а неговото место барем на овој меч ќе го преземе Звонко Шундовски.
Пред натпреварот со унгарскиот гигант за медиумите говореше Урош Борзаш…
„Секоја година Веспрем е подобар и подобар и носат уште подобри играчи. Ја ловат титулата од Лигата на шампионите со години, многу вложуваат и нам ни следи многу тежок натпревар. Максимално се спремаме, тие се сигурно еден од фаворитите за освојување на титулата во Лигата на шампионите и притисокот е врз нив. Ќе биде празник за градот, не доаѓа секој ден Веспрем во Битола и сите заедно ќе уживаме. И Веспрем има недостатоци и ние ќе се обидеме да ги искористиме. Против Спортинг играа послабо и убедливо загубија. Сигурно и ние имаме свои шанси, па дури и да победиме. Убеден сум дека ќе дадеме максимум и ќе изгинеме на теренот“, рече Борзаш.
Натпреварот кој ќе се игра во арената „Боро Чурлевски“ е закажан за 20.45 часот.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА