Пелистер со убедлив пораз ја заокружи европската сезона

Кошаркарите на Пелистер со пораз ја заокружија дебитантската сезона во ФИБА Европа купот откако вечерва загубија на домашен терен од Керавнос со резултат 74-92. Исто како и на првиот меч во Никозија, пресудна беше катастрофалната игра во одбраната со која му се дозволи на противникот целосно да ги контролира темпото и резултатот, со што Керавнос го освои третото место во групата, пред Пелистер на четвртата позиција со конечен скор од една победа и пет порази.

Проблемите во одбраната беа очигледни од самиот почеток, па така Пелистер по нецели седум минути игра веќе имаше 14 поени негатива (8-22). „Зелено-белите“ се консолидираа само за момент, ја завршија првата четвртина со 18-29, а потоа преку Лука Стојановски намалија на 21-29. Сепак, Керавнос за неколку минути ја зголеми својата предност на огромни 20 поени (25-45), Пелистер со серија 11-0 предводена од Вилсон повторно спушти под десет (36-45), но на одмор се замина со водство на гостите од 42-56.

Наместо камбек на македонскиот тим, второто полувреме донесе продолжување на доминацијата на Керавнос, гостите во 25. минута поведоа со 45-66, завршувајќи ја третата четвртина со 55-76, потоа рутински приведувајќи го мечот до крај со конечните 74-92.

Брејси Дејвис беше прв стрелец на Пелистер во овој пораз со 16 поени, еден помалку имапе Си-Џеј Вилсон, Малешевиќ заврши со 14, а Ленгстон Вилсон со 13 поени.

Се вчитува...