Ракометарите на Еурофарм Пелистер и тренерот Бранислав Ангеловски се надеваат дека утревечер конечно ќе ги израдуваат своите навивачи со прв триумф во Лигата на Шампионите. Предизвикот не е наивен, во Битола доаѓа Пик Сегед, ривал од кој „пелистерци“ загубија со 34-26 минатата седмица, но тоа беше меч во кој македонскиот првак 40 минути целосно му парираше на унгарскиот состав, за поради големиот пад во играта во финишот на крајот да претрпи убедлив пораз.
Токму тоа е главната грижа за тренерот Ангеловски, кој на денешната прес-конференција изјави дека мора што поскоро да се надминат тие големи падови во играта што го следат Еурофарм на периоди во речиси сите европски натпревари сезонава.
„Пред нас е ривал со кого одигравме добро прво и катастрофално второ полувреме, тоа е нешто што не смее да ни се случи во Битола. Добро го познаваме Пик Сегед, ќе бидат засилени и со неколку ракометари кои не настапија во Унгарија, но ние ќе имаме што да покажеме. Најмногу ме разгрижува тоа што лесно се предадовме, иако имавме активен резултат до 50. минута. Пред нашите симпатизери и верни навивачи, од кои имаме огромна поддршка, верувам во подобро издание и подобар резултат од тој во Сегед“, изјави Ангеловски.
Дебито во дресот на Е. Пелистер на овој меч ќе го има големото засилување Филип Кузмановски, македонскиот репрезентативец кој минатата седмица си замина од Вецлар и потпиша договор со битолскиот клуб.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА