Пелистер забележа уште една рутинска победа во рамките од Првата лига откако битолчани вечерва како гости го декласираа составот на Академија ФМП со преубедливи 85-112. Тимот од Кисела Вода по слабиот старт успеа да врзе две победи во претходните две кола, но избраниците на Малинков денеска беа немоќни против расположениот вицешампион, кој одигра беспрекорно на офанзивен план и очекувано рутински стигна до бодовите.
Битолчани уште од самиот почеток наметнаа силен ритам, во раната фаза поведоа со 6-15, на крајот добивајќи ја првата четвртина со 18-24. Мијовиќ го донесе првото двоцифрено водство со поени за 19-29, по што Пелистер продолжи да доминира на теренот, на одмор заминувајќи со убедливи 34-50. Победата беше осигурана, но избраниците на Дарко Радуловиќ не застанаа кога станува збор за играта во нападот, продолжија со ефикасни завршници до самиот крај, постигнувајќи уште 62 поени во второто полувреме, за вкупно 112 поени за Пелистер на овој натпревар.
Мијовиќ беше главна фигура во победничкиот тим со 26 поени, Маслинко беше втор стрелец со 18 поени, а за одбележување е и одличното издание на Андреј Магдевски, кој стигна до дабл-дабл од 12 поени и 12 асистенции, надополнети со три украдени топки.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА