Кошаркарите на Пелистер триумфално ја почнаа новата сезона од регионалната АБА 2 лига, која сезонава се игра согласно новиот формат.
Во првиот натпревар пред своите навивачи во Битола „пелистерци“ триумфираа сосема заслужено против Широки Брег со 74-72, во меч кој заврши низ неизвесна завршница, а можеше да финишира многу поубедливо за македонскиот тим.
Пелистер контролирајќи ја играта првото полувреме го доби со предност од 37-33, за да потоа низ вториот дел и далеку поубедливо умешно ја зголемуваше предноста пред гостите.
На пет минути пред крајот на натпреварот Пелистер имаше предност и од +13 поени (67-54), но упорните гости искористувајќи го опуштањето кај домашните, најпрво дојдоа до 67-66 а потоа на 80 секунди до финишот успеаја да дојдат и до 71-69.
Сепак, избраниците на Александар Петровиќ со тројката на Мишковиќ се вратија на предност од +5 поени, која до крајот знаеја да ја сочуваат за заслужена конечна победа од 74-72.
Најефикасен кај Пелистер беше Американецот Антоан со 16 поени, дополнети и со две асистенции, а Мишковиќ заврши со „дабл-дабл“ ефект од 13 поени и 11 скока. Девет поени постигна Бојиќ, а со по 8 поени завршија Стајиќ, Едвардс и Костоски. Кај гостите се издвои Ребец со неверојатен ефект од 27 поени и 10 скока, но сам не можеше да му помогне на тимот да избегне пораз во Македонија.
Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии), како и нивно линкување НЕ е дозволено без согласност од Редакцијата на ЕКИПА